“Само со заеднички сили нашиот глас ќе биде многу посилен” – Интервју на Маја Лазаревска, проект координатор и еден од основачите на Ресурсниот Центар на родители на деца со посебни потреби
За работата, целта, задачите и посветеноста на Ресурсниот центар, за тековните проекти и идните планови, како и за начинот на работа, со Курир.mk и A1.mk разговараше Маја Лазаревска, проектен координатор, еден од основачите на Ресурсниот Центар на родители на деца со посебни потреби, и самата родител на дете со посебни потреби.
Дел од разговорите се дадени подолу во текстот, а двете интервјуа во целост можете да ги прочитате на следните линкови:
Колку време постои Вашиот Центар?
Ресурсниот Центар на Родители на Деца со Посебни потреби постои повеќе од 3 години. Првиот период беше искористен за да се лоцираат родители на деца со посебни потреби кои ќе може да ја износат оваа важна улога, бевме обучени од страна на УНИЦЕФ и американската родителска организација ПАЦЕР за водење на еден ваков центар и пружање поддршка на родителите со деца со посебни потреби. Ресурсниот Центар е формиран и воден исклучиво од страна на родители на деца со посебни потреби на што сме посебно горди. По основањето на центарот се работеше на насоките во кој тој ќе се движи, планови и идеи за имплементација на проекти кои се од огромно значење за заедницата. Стартувајќи во април минатата година, Ресурсниот Центар на Родители на деца со посебни потреби отпочна со имплементација на проект за етаблирање на ресурсниот центар како и креирање на сите ресурсни материјали и сервиси за поддршка.
Која е целта на постоењето?
Ресурсниот Центар е здружение кое е формирано и раководено од родители на деца со посебни потреби, но не функционира како класично здружение. Ние немаме членство и членарина, замислен е како бесплатен сервис за семејствата и партнер на сите релевантни институции. За сите идеи и реализации имаме безрезервна поддршка од УНИЦЕФ. Целокупната структура на здружението и насоките во кои се движи се проектирани од родители. Изминатата година лоциравме и обучивме 23 родители кои на ниво на тренери ќе може да обучуваат други родители техники за застапување и самопомош. Истите тие родители се и дел од тимот за родителска поддршка и несебично асистираат и советуваат родители на деца кои ги започнуваат своите борби. Отворивме и инфо линија на телефонскиот број 078 449852 на која родителите може да се обратат со најразлични прашања, а центарот да асистира со соодветни одговори. На располагање имаме професионалци-волонтери од многу области: Правници, психолози, дефектолози, педагози социјални работници. Изработивме водич за родители кои ги содржат сите информации од социјалната заштита како и основни информации за терапии, рано дијагностицирање, состојби и дијагнози и сето тоа од родителски аспект. Покрај ова се работи и на вмрежување со организации кои се занимаваат со теми врзани за лицата со посебни потреби и на тој начин се обидуваме да создадеме дата бази на податоци и се да ставиме на едно место, со цел родителите побрзо да можат да дојдат до саканата информација. Во новиот циклус на проекти со поддршка на Британската Амбасада изработивме стратегија за подобра комуникација со родителите посебно од руралните и малите општини со цел да им асистираме да ја зајакнат заедницата во нивните средини и успешно остваривме соработки со 4 општини низ Македонија. А понатаму планираме да ги поддржиме со се она што го нуди центарот, различна литература и ресурсни материјали за родители и професионалци, професионални и родителски совети како и потребни обуки и тренинзи за создавање на што поинклузивна средина и зајакнување на позицијата на родителите.
Што е она на што ќе работи ресурсниот Центар во иднина
До сега преку работата на Ресурсниот Центар со поддршка на УНИЦЕФ, партнерски организации и професионалнци, успеавме да ги ставиме сите закони на едно место и да се направи еден правен водич, покрај водичот за родители од родителски аспект. Во иднина ќе се работи на креирање на дата база на податоци за сервиси, институции, професионалци, и семејства кои ќе бидат менаџирани од софистициран софтвер па секој родител,професионалец или институција многу полесно ќе може да дојде до потребната информација, сервис терапија или совет и да го упати родителот на правото место. Планираме ресурсниот центар да го направиме првата референтна точка на сите новодијагностирцирани деца и нивните семејства каде преку поддршка ќе го скратиме патот кој родителите го губат барајки соодветни насоки. Исто така планирано е да се оддржи и еден психолошки камп за околу 150 родители. Веќе се работи на лоцирање на родители и се прави една социјална мапа на семејствата кои имаат член дете со посебни потреби, и по мапирањето на теренот, врз основа на потребите на семејствата еминентни психолози ќе извршат обука и групни сесии со семејствата повторно третирјки ја самопомошта како тема. Покрај кампот планирани се вкупно 10 промотивни настани низ Македонија каде ќе се обидеме да допреме до што повеќе родители, професионалци и институции и да оформиме професионална соработка. На централно ниво планирано е соработка со сите Министерства кои ги третираат лицата со посебни потреби. Ние сметаме дека сите треба да имаме конструктива улога и да си помагаме едни на други. Родителите на децата па и самите лица со посебни потреби мора да бидат активни чинители во кроењето на политиките. Сите ние кои сме засегнати мора да сме во постојан дијалог со инситуциите кои ги обезбедуваат нашитее права. Се надеваме дека во иднина ќе го издигнеме ресурсниот центар на тоа ниво, да биде партнер од доверба на сите, а родителите ќе можат да станат фактор кој ќе учествува во сите процеси. Сите сме свесни дека промените не доаѓаат преку ноќ, но доколку постои расположение од сите страни тие секако мора да се случат. Секако исто важна е и едукацијата на целата популација за да се подигне јавната свест за прифаќање и поддршка на овие деца со цел за да им се олесни животот.
Ресурсен Центар на родители на деца со посебни потреби