Физикална терапија
Што е Физикална терапија?
Физикална терапија е квалификуванa интервенција која се фокусира првенствено, но не исклучиво, на ослободување на телото од болка, контрактури, спазми и згрчувања, или пак работи на подобрување на мускулниот тонус и јакнење на мускулатурата како и создавање на правилни обрасци на движење кај деца кои имаат потреба од тоа. Физикалната терапија промовира тип на лекување кој се фокусира на враќање на функцијата на телото и соодветните движења, како и олеснување и адаптација при недостатоци поврзани со повреда на телото или мозокот, или други типови на инвалидност
Педијатриската физикална терапија им помага на децата да научат успешно и независно вршење на грубите моторни вештини (лазење, одење, седење, трчање, скокање, подрипнување итн) како и функционални способности кои ја олеснуваат мобилноста (качување скали, користење на инвалидска количка, зависна мобилност, соодветни трансфери итн). Типот на интервенција и третман се креира према индивидуалните потреби на детето врз основа на неговата клиничка слика и вклучува: развојни активности, терапевтски вежби, рамнотежа и координација, адаптивни игри и активности, обука за мобилност, безбедност и заштита од повреди, односно една севкупна програма и активности за унапредување на целокупната состојба на детето со поседби потреби.
Што е физиотерапевт?
Физиотерапевт е лиценциран терапевт, кој користи различни техники и методи за третман за да се овозможи развој на капацитетите на децата и да се подобри движењето на поединецот како и целокупната негова функција. Физиотерапевтот им помага на децата да го достигнат својот целосен потенцијал во извршувањето на грубите моторни и функционални вештини за мобилност.Терапевтот може да работи и со дете кое има специфични здравствени проблеми кои бараат корекција- како болест, лоша координација, намалена мускулна сила, мускулен тонус или флексибилност, одложено достигнување на моторни вештини, или состојби по некаква повреда.
Како да знам дали моето дете има потреба од физикална терапија?
Вашето дете може да има потреба од физикална терапија доколку:
- Не се постигнуваат очекуваните развојни етапи за време на првата година од животот (т.е. тркалање, седење, стоење, одење).
- На детето едната страна на телото му е силна и изразено доминантна и/или слабо се користи другата страна на телото.
- Детето оди долго на прстите на нозете или се пројавува одење на начин кој не соодветствува со стандардниот.
- Детето се соочува со потешкотии со рамнотежата за време на игра.
- Детето не е во состојба да има активности кои вклучуваат груби моторни задачи (т.е. подрипнување, скокање, прескокнување) како неговите врсници.
- Детето често паѓа при одење.
- Детето се жали на болка при вршење на грубите моторни задачи.
- Детето било повредено на некој начин и не е во можност да ги врати своите вештини на претходното ниво на функција.
Што доколку забележите некаков проблем врзан со моториката на вашето дете?
Доколку забележите дека вашето дете има било какви промени врзани со движењето, најпрво треба да се обратите кај вашиот матичен лекар, кој треба да ве упати на соодветни специјалистички прегледи. По дефинирање на проблемот со кој се соочувате, институциите кои се занимаваат со рехабилитација прават индивидуални програми по кои се рехабилитира детето.Типот на физикална терапија ја одредува лекар физијатар, а ја спроведува дипломиран физиотерапевт.
Дали физио терапевтите имаат специјална обука?
Физиотерапевтите треба да имаат минимум диплома од акредитирано средно училиште –по програма за физикална терапија. Со новите програми на универзитите во Р. Македонија како и систематизацијата на здравството, пред неколку години е формиран и факултет за Физиотерапевти. Секој терапевт мора да помине низ програмите и да се стекне со соодветно образование.
Дополнително, физотерапевтите може да го прошират своето знаење со обуки/курсеви што е од исклучителна важност за совладување на новите методи кои гарантираат подобри резултати. Ова е од исклучителна важност за физикалните терапевти бидејки овозможува да се обезбеди најдобрата можна нега на пациентот.
Кои институции низ Р.Македонија се специјализирани за рехабилитација на деца со посебни потреби?
Окупациона Терапија
Што е работна-oкупациона терапија?
Работна терапија со дете со посебни потреби во својата наједноставна смисла значи работа на професионални терапевти низ вежби и активности кои се конструирани на начин да им помогнат на децата со посебни потреби за да ги подобрат своите вештини и обрасци и да им овозможат полесно секојдвено живеење. Таквите вештини се со цел да им овозможат на децата да учествуваат во повеќе активности и да се олесни нивното секојневие преку терапевтска употреба на секојдневните активности и процеси.
Окупационата терапија е исклучително важна за вклучување на децата со посебни потреби во училиштето и сите социјални процеси. Примената на окупационата терапија, покрај децата со трајни дијагнози и состојби е од огромно значење и за деца/лица кои се опоравуваат од повреда на мозокот, со цел да ги повратат вештините, како и за обезбедување на поддршка за постарите возрасни лица кои доживуваат физички и когнитивни промени.
Работна терапија обично вклучува:
- Индивидуална евалуација, за време на која што детето, семејството и професионален терапевт го утврдуваат степенот на способностите на детето
- Терапевтска интервенција за подобрување на способноста на детето да ги извршува секојдневните активности и да го достигне својот максимум
- Евалуација на резултатите со цел да се следи напредокот на детето за да се детектира дали се целите исполнети и/или е потребно да се прават промени на индивидуалниот план на вежби
Работна терапија може да вклучи сеопфатна евалуации на домот на пациентот и други средини (на пример, на работното место, училиштето), препораки за адаптивна опрема и обука во употребата на опремата, како и насоки и едукација за членовите на семејството и старателите. Работна терапија има холистичка перспектива, во која фокусот е на адаптација на детето на животната средина.
Кои центри во Р. Македонија нудат услуги за окупациона и работна терапија?
Дефектолог
Што е дефектологија?
Дефектологијата е гранка на науката која се занимава со проучување на принципите и карактеристиките на развојот на деца со физички и ментални нарушувања и проблемите на нивно обучување и воспитување.
Постојат голем број на специјални педагошки насоки во дефектологијата, вклучувајќи сурдопедагогијата (за подигање и обука на децата со оштетен слух), тифлопедагогија (за деца со оштетен вид); олигофренопедагогија (за ментално ретардирани деца) и логопедска (за децата со говорни проблеми). Дефектологија, исто така, ги вклучува проблемите на обука и воспитување на деца со комбинирани пречки (слепило со глувост, слепило или глувост со интелектуална оштетувања и др.) Дефектологија дополнително вклучува посебна гранка на психологија која се занимава со развојот на децата со горенаведените пречки, како и сурдотехнологија и тифлотехнологија, кои се вклучени во развојот на техничките средства за обука, корекција и компензација на нарушувањето/дефектот.
Според тоа, може да кажеме дека дефектологијата опфаќа проблематика на:
- лица со оштетен слух (глуви и наглуви);
- лица со попреченост во говорот;
- лица со оштетен вид (слепи и слабовиди);
- лица со психича попреченост;
- телесно инвалидните лица;
- лицата попречени во социјалното однесување;
- деца со аутизам;
- стари лица што имаат тешкотии во социјалната интеграција (попречени во развојот)
Од големо значење е усвојувањето на комплексен, мултилатерален пристап кон проучувањето на децата со нарушувања/хендикеп, со учество на едукатори, лекари, физиолози, психолози и други специјалисти.
Што е дефектолог?
Дефектолог е квалификувано лице со завршено минимум високо образование- насока Дефектологија. Четиригодишните студии по дефектологија се реализираат според посебен наставен план и програми, а завршените студентите се здобиваат со звањето дипломиран дефектолог. Овој стручен профил се оспособува да изведува рехабилитација и воспитно-образовен процес со деца со оштетен вид, со оштетен слух, со ментална ретардација и со телесна инвалидност во рехабилитациони установи и во посебни училишта. Исто така, профилот општ дефектолог се вклучува како член во стручните тимови на редовните детски градинки, основните и средните училишта, на здравствените и социјално-заштитните установи. Дефектологот пред се треба да биде емоционално стабилна, зрела личност која го разбира проблемот на лицата со инвалидитет и лицата кои имаат пречки во развојот. Тој мора да има многу внимание и изразена способност за комуникација со луѓето.
Како да знам дали моето дете има потреба од дефектолог?
Детскиот развој може да има отстапувања во некои подрачја. Ако кај вашето дете воочите отстапувања на подрачјето на фината моторика (фаќање ситни предмети, сечење), графомоторика (неправилно држење на моливот, одбивање активности кои бараат употреба на молив), внимание, концентрација, памтење и логично заклучување, обратете се кај дефектолог. Недоволната спремност на детето за училиште, тешкотиите во учењето и повлекувањето на детето од активности во кои учествуваат и други деца (изолирање и осамување) се знак дека совет треба да побарате кај истиот стручњак.
Што доколку забележите некаков проблем врзан со фината моторика на вашето дете?
На почеток би требало да се обратите на матичниот лекар, или на стручно медицинско лице во воспитно- образовната установа која ја посетува вашето дете (доколку има). Тие ќе Ве упатат каде понатаму да одите на консултации и проверка на вашите забелешки и грижи. Во училиштата работат професионални дефектолози кои освен што ги следат сите деца (патронажа), би можеле да Ви бидат од најголема помош во детектирањето и упатувањето на понатамошно следење.
Кои институции низ Р.Македонија се специјализирани за рехабилитација на деца со посебни потреби?
Логопед
Што е Логопедска терапија?
Логопедска терапија се занимава со менаџирање на нарушувања со говорот, јазикот, комуникацијата и голтањето кај деца и возрасни.
Корисници на оваа терапија се деца кои не успеваат да развијат нормална комуникација или кои се здобиле со комуникациски пречки во развојот како резултат на болест или повреда. Квалификувани логопеди исто така, може да им помогне на различни корисници во решавање или подобрување на проблеми со хранење или голтање.
Логопедската терапија им помага на деца кои ги имаат следниве типови на проблеми:
- тешкотии во произведување и користење на говор
- тешкотии во разбирање на говор
- потешкотии во користење на говор
- тешкотии со јадење, џвакање или голтање
- пелтечење
- гласовни проблеми
Кога е потребна логопедска терапија?
Терапијата треба да започне што е можно поскоро. Деца порано вклучени во терапија (пред 5тата години) покажуваат подобри резултати од оние кои почнуваат со терапија подоцна.
Ова не значи дека постарите деца не можат да покажат напредок со терапијата; тие само може да напредуваат побавно, бидејќи често го имаат научено обрасците кои треба да се менуваат.
Како да знам дали моето дете има потреба од логопед?
Треба да посетите логопед доколку:
- Вие или други луѓе имаат тешкотии да го разберат говорот на вашето дете
- Ако луѓето мислат дека вашето дете е помладо отколку што е, поради начинот на кој зборува
- Ако вашето дете го задеваат или покажува фрустрација поради начинот на кој зборува
- Ако вашето дете користи помалку зборови отколку другите деца од негова возраст
- Ако вашето дете пелтечи
- Ако интеракциите на вашето дете или играта изгледа необична или несоодветна
- Ако вашето дете се мачи при читање или пишување
- Кој има дијагноза која би можела да влијае на неговиот говор или јазик, како губење на слухот, аудитивни нарушување, аутизам, Aspbergers синдром, доцнење во развојот, итн
Што е логопед?
Важно да бидете сигурни дека логопедот е со квалификувана диплома во соодветната насока од високо образовна установа. Најголема придобивка е доколку логопедот на вашето дете има искуство во работа со деца и специфичните нарушувања на вашето дете. Логопедот работи на индивидуални часови, најчесто без присуство на родител. Тој може да користи и соодветни методолошки алатки, а често пати има потреба да ги вклучи и со своите раце во позиционирање на устата, јазикот и вилицата. Препорачливо е да се продолжи со зададените вежби и по терапијата со логопед, во домашни или школски услови.
Кои институции низ Р.Македонија се специјализирани за логопедска терапија на деца со посебни потреби?
Сензорна интеграција
Што е сензорна интеграција?
Сензорната интеграција прво била идентификувана од страна на д-р А Жан Ayres (1960 – 1970)- професионален терапевт по работна/окупациона терапија, кој забележал дека некои од децата се борат со функционални задачи, а самите не се вклопуваат во одредени категории на инвалидност или состојба.
Децата со сензомоторни нарушувања немаат секогаш јасни дијагнози, но евидентно може да се забележи дека имаат проблеми со работата, однесување, рекреативни активности и грижа за себе. Ваквите потешкотии и предизвици се третираат како невролошки пореметувања и се дефинирани како Сензорно- интегративни дисфункции.
Традиционално постојат 3 видови на сензорни дразби, и врз нив се поставува системот на активности и рехабилитациски третмани кои ги покрива сензомоторната интеграција како метод. Тоа се тактилен, проприоцептивен и вестибуларен систем.
Тактилнoст е нашата смисла на допир, а дразбата ја добиваме преку чувствителни области како што се на рацете, нозете и главата.
Проприоцепција е група на сензорни рецептори кои се наоѓаат во мускулите, тетивите и зглобовите, а со нивна иритација настанува координирана контракција на поединечните мускули и нивните групи.
Вестибуларниот систем кој придонесува за рамнотежа и чувство за ориентација во просторот, е сензорен систем кој обезбедува водечки придонес за движење и чувство на рамнотежа. Вестибуларниот систем е поврзан со регулирањето на мускулниот тонус, рамнотежа, контрола на моториката, постурална стабилност, перцепција- визуелен простор, визуелна контрола, аудитивни јазични вештини и внимание.
Како да знам дали моето дете има потреба од сензорна интеграција?
Иако е општо прифатено дека повеќето деца со аутистичен спектар имаат проблеми со сензорно интегрирање, фактот дека има и деца кои не се во овој спектар а исто така искусуваат некои од овие проблеми во различни степени, сега повнимателно се испитува од страна на заедницата со посебните потреби. Додека сите деца може да изгледат чудно или специфично во нивните желби и одбивности, децата со Сензорни нарушувања (исто така наречени сензорни интегративни дисфункции) се толку сериозно погодени од нивните сензорни преференци, така што го нарушуваат нивното нормално, секојдневно функционирање. Сензорни проблеми обично се дефинира или како хиперсензитивност (пренагласеност) или хипосензитивност (поднагласеност) на сензорните стимули.
Целта на листата на симптоми за проверка на сензорни нарушувања е да се синтетизира список кој би им помогнал на родителите и стручните лица кои комуницирате со деца да станат едуцирани за одредени знаци на сензорни дисфункции. Листата на проверка на нашата веб страна никако не смее да се користи како апсолутен дијагностички критериум за дијагностицирање на деца со сензорни нарушувања. Ова е повеќе искуствена алатка и листа за проверка на симптоми кои можеби некој родител ги забележува но не ги детектира како проблем во развојот на своето дете.
Професионалци кои можат да дијагностицираат вакво заболување имаат свои алатки и методи кои се придружени со листи за проверка, набљудување и тестирање на детето за сензорна дисфункција. Читајки ја листата можете да се почувствувате дека вашето дете има многу од овие особини и однесувања и следствено на тоа да претпоставите дека се работи за сензомоторно нарушување. Во некој случај тоа може да биде вистина, но некои се само изолирани случаи кои не со сигурност значат дека вашето дете има сензомоторно нарушување.
Инклузивнo образование - Улогата на семејството
Што е Хипотерапија?
Хипо-терапија (терапевтско Јавање) е третман за подобрување на моторните функции како и за комплетна рехабилитација на лица со посебни потреби. Хипотерапијата се користи како интегрирана форма на рехабилитациски третман со цел да се постигнат функционални подобрувања на секое поле.
За што може да помогне хипотерапијата?
Движењето на коњот обезбедува мултидеминзионално движење кое има терапевтски ефект врз локомоторниот апарат. Ваквите движења предизвикуваат ротации на карлицата (странични, вертикални, и диагонални) со што се подобрува подвижноста на колковите, рбетниот столб, се засилува мускулатурата, и со тоа се корегираат постуралните обрасци како и држењето на главата, одржување на рамнотежа и координацијата. Хипотерапијата е одличен модел за движење кое е еднакво на она кое го креира одењето. При јавањето се создава целосен модел на движењео со ослободување на нозете од товарот. Ваквите сензации и движења неможе да се постигнат со ниеден друг рехабилитациски метод.
Коњот со својата телесна температура која е повисока од нашата за 1-1,5 степени делува врз спастиката на мускулатурата -се намалува и се растегнуваат згрчените мускули.
Движењето на коњот нуди одличен модул за сензорна интеграција и тоа преку вестибуларен, проприоцептувеен, тактилен и визуелен канал. Додека пак психоемоционалното дејство кој коњот го предиззвикува кај јавачот е особено важно кај лица со интелектуален хендикеп.
Радоста и позитивните емоции ,стимулација за социјална комуникација,мотивација ,подобрување на интелектуалните способности се само дел од придобивките од комуникацијата со коњот.
Кои се деца со специфични дијагнози/состојби може да користат хипотерапија?
Практично сите деца со посебни потреби се одлични кандидати за хипотерапија, но не секое дете е спремно и во можност да биде подложено на овој метод. Дали едно дете ќе може да користи хипотерапија одредува сертифициран тренер по терапевстко јавање, физикален терапевт а свое мислење даваат и специјалните работници (дефектолог, логопед, психолог).
Список на дијагнози/состојби каде хипотерапијата има делотворно дејство
- Детска парализа
- церебрална парализа
- аутизам
- Даунов Синдром
- Сколиози
- Кифози
- мускулни дистрофии
- хиперактивност
- намалено внимание
- емоционални растројства
- превенција на артроза
- слепост
- Глувост
- (секако и други специфични состојби каде ќе се процени дека хипотеарпијата е соодветна )
Каков вид на терапевт спроведува рехабилитација со тераписко јавање?
Терапиското јавање или хипотерапијата ја спроведува обучен терапевт по терапевтско јавање. Ваквиот терапевт немора да поседува медицинско образование. Тоа е дополнителна обука на класични тренери по јавање, кои се дообучуваат како да го користат коњот за да им помогнат на лицата со посебни потреби да ги подобрат своите моторни и когнитивни функции. Исто така обуките за тераписко јавање може да ги поминат и физикалните теарпевти или специјални работници како дообука на своето знаење. За терапиското јавање потребна е и специјализирана опрема која гарантира безбедност на лицата со посебни потреби.
Каде може да се добие терапиското јавање ?
Во нашата држава постојат многу коњички ергели каде вашите деца може да дојдат во контакт со коњите. Но на децата со посебни потреби без разлика дали се се стабилни во своите постури или им е потребна поддршка хипотерапијата треба да се изведува под соодветен надзор на сертифициран тренер по тераписко јавање. Ваков сервис специјализиран за деца со посебни потреби спроведува здружението Дајте ни Крилја од Скопје на локација.
Други места каде можете на вашето дете да му обезбедите интеракција со коњи
Познато е дека и самото галење и интеракција со кољите е од огрмно значење за подобрување на функциите кај децата со сензорни нарушувања или од аутистичен спектар. Некогаш и галењето може да донесе огромни резултати.