Што е Дaунов Синдром?

Даунов (Down) синдром е хромозомска состојба. Се сретнува и како Трисомија 21 поради дополнителната копија на хромозомот 21 во клетките.

Daunov Sindrom

Дали постои лек за даунов синдром?

Бидејќи Дауновиот синдром не е болест, туку состојба, не може да се каже дека се лечи – медицински терапии се индицирани доколку постојат придружни здравствени проблеми (опишани подолу). Преку овозможување навремен пристап до разни видови терапија (физикална, логопедска, окупациона), соодветно образование и промовирање социјална инклузија, може да им се помогне на луѓето со Даунов синдром да станат понезависни.

И покрај заедничките карактеристики кај лицата со Даунов синдром, важно е да се има предвид дека меѓу нив може да има големе разлики, па затоа е потребно да се овозможи поддршка и третман прилагодени на индивидуалните потреби на лицето.

Колку е чест Дауновиот синдром?

Според светските статиските се јавува кај 1:800 дo 1:1000 живородени деца (СЗО)

Кои се причините за даунов синдром?

И покрај тоа што е познат механизмот на настанување, причините за појава на Даунов сидром сѐ уште се нејасни. Возраста на жената кога таа забременува е единствениот фактор јасно идентификуван како можност за зголемување на шансите појава на Даунов синдром.

На пример, една жена која има:

  • 25 години има ризик од 1 во 1250
  • 30 години има ризик од 1 во 1000
  • 35 години има ризик од 1 во 400
  • 40 години има ризик од 1 во 100
  • 45 години има ризик од 1 во 30

Сепак, бебиња со Даунов синдром се родени од мајки од сите возрасти и повеќе од половина од бебињата со Даунов синдром се родени од мајки кои се под 35 години. Тоа е затоа што жените под 35 се мнозинскиот број на родилки.

Карактеристики на Даунов синдром

Кај лицата со Даунов синдром се забележливи одредени физички карактеристики како закосени очи, мал нос и издаден јазик. Како состојба, го карактеризира и развојна забавеност на поле на когниција, перцепција и говор, што ги сместува оние кои го имаат во категорија на лица со интелектуална попреченост. Доколку им се обезбедат соодветни услови за остварување на сопствените потенцијали и се поттикнува нивната вклученост во општеството, лицата со Даунов синдром би можеле да постигнат образовни успеси, да остварат работен однос и да им се овозможи понезависен живот.

Состојби поврзани со Дауновиот синдром

Кај некои луѓе со Даунов синдром можат да се јават придружни здравствени проблеми и состојби кои вклучуваат:

  • Срцеви маани
  • Проблеми со видот
  • Проблеми со слухот на слухот
  • Хипотироидизам
  • Респираторни проблеми
  • Нарушувања врзани со крвта
  • Епилепсија
  • Хипотонија (слаб мускулен тонус)
  • Проблеми со горниот дел на ‘рбетот
  • Проблеми со спиењето (опструктивна ноќна апнеа)
  • Заболување на непцата и проблеми со забите
  • Дигестивни проблеми и нетолерантност на глутен
  • Ментални и емотивни нарушувања
  • Алцхајмерова болест

Дали даунов синдром е прогресивна состојба?

Даунов синдром сам по себе не е прогресивна состојба. Сепак, ефектите може да се променат со текот на времето на подобро или полошо.

Други организации кои се занимаваат со Даунов Синдром