Лицата и децата со посебни потреби често имаат пропратни здравствени проблеми за кои нема оперативни зафати или третман во Р.Македонија. Често родителите избезумени во лавиринтите, и истрошени од скапите рехабилитации на нивните деца, немаат можност да ги платат скапите операции и третмани достапни во други земји. Како Ресурсен Центар ви предочуваме неколку можности како да дојдете до потребните средства за третманот или оперативните интервенции за потребите на вашето дете.

kako do potrebnite sredstva1. Министерството за Здравство во Р.Македонија донесе измена со која секоја потребна операција на деца е покриена комплетно од страна на ФЗО со мала партиципација која е иста без разлика на цената на третманот или оперативниот зафат. Со цел да се информирате на кој начин да добиете услуги кои не се достапни во здравствениот систем во Р.М ве советуваме најпрвин да се обратите во Фондот за Здравствено Осигурување дали Вашата операција/интервенција е покриена од Државата. Јавете се во Фондот за Здравствено Осигурување (ФЗО) на нивниот бесплатен телефонски број 0800 33 22 22 и прашајте дали Вашата операција/интервенција може да биде покриена со средства од ФЗО. Исто така може да пратите емаил на helpdesk@fzo.org.mk и да испратите дополнителни информации за вашиот случај. ФЗО може да ги покрие средствата за болничко лекување на осигурените лица во странство, здравствени услуги на осигурениците кои се упатени на привремена работа во странство, итна медицинска помош на осигурените лица кои привремено престојуваат во странство, најповолните цени на здравствени услуги во странство, како и надоместувањето на патните трошоци. Сето ова е детално пропишано во Правилникот за начинот на користење на здравствени услуги на осигурените лица во странство („Службен весник на Република Македонија“ број 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010, 53/2011 и 26/12).

Повеќе информации можете да добиете на www.fzo.org.mk

2. Доколку третманот не е одобрен од страна на ФЗО ве советуваме да побарате од мобилните оператори да ви отворат број за донации

Секој од мобилните оператори нуди можност за отварање на донациски број преку кој се собираат донации во текот на определен период (најчесто 3 месеци). Постапката за отварање донациски број е различна во секој мобилен оператор, но најчесто потребно е да ја доставите следната документација: барање за отварање на донациски број, конзилијарно мислење од овластена здравствена институција во Република Македонија за упатување на операција/лекување во странство, допис или потврда за закажана операција во странство, копија од лична карта и податоци за барателот, копија од отворена жиро/трансакциска сметка во банка, итн. Подетални информации како и пример барања за отварање донациски број има на страниците на мобилните оператори Т-Мобиле, ОНЕ и ВИП.

СЕРВИСНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ОТВОРАЊЕ НА БРОЕВИ ЗА ДОНАЦИЈА (ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ)

ВИП ОПЕРАТОР

За отвoрање број за донација за физичко лице потребно е да се достави:

  • Пополнето писмено барање
  • Потврда од овластена установа за утврдена медицинска дијагноза
  • Предлог за упатување на операција/лекување во земјата/во странство
  • Допис од медицинската установа за закажана операција/лекување
  • Копија од жиро/трансакциска сметка
  • Доколку станува збор за линија која е наменета за малолетно лице, кон документите треба да се приложи и копија од извод од матична книга на родени.

Адреса за доставување документација

Потребните документи може да се достават по пошта или лично на ул. Филип Втори Македонски бр3, 1000 Скопје (Деловен центар Соравија, 8 кат), со назнака „Барање за отворање донациска линија – за Корпоративни Комуникации”.

Важни напомени за подносителот на барањето:

  • Техничките можности на броевите за донации се ограничени, а времетраењето на еден број за донации за индивидуално лице е најмногу три месеци. По доставата на комплетната документација, овластеното лице од Vip ќе Ве извести дали е прифатено поднесеното барање.
  • Врз основа на прифатено барање, Vip ќе додели и технички ќе овозможи посебна линија за донации. На оваа линија можат да донираат само корисниците на Vip, но не и корисниците на другите фиксни и мобилни мрежи.
  • Исплатата на собраните донирани средства од корисниците на Vip се врши врз основа на склучен Договор за донација.
  • Износот на собраните средства донирани од корисниците на Vip, Vip ќе го исплати во целост на Барателот на донацијата, намален за вредноста на ДДВ од 18% и вредноста на персоналниот данок. Личните податоци доставени во ова барање се користат исклучиво за постапување по истото и е загарантирана нивна заштита во согласност со законските прописи.
  • Vip ќе ја објави доделената посебна линија за донации на својата веб-страница. Сите останати канали за комуникација на доделената линија во јавноста се на товар и обврска на подносителот на барањето.

Донацијата се одвива по пат на повици од страна на корисниците на Vip, при што со секој повик се донираат 100 денари

Повеќе информации на www.vip.com.mk

ОНЕ ОПЕРАТОР

Потребна документација за отворање број за донации за физичко лице:

  • барање (писмо) со опис на проблемот и податоци за корисникот на помош и пратете го на proffice@one.mk
  • квалитетна копија од лична карта на барателот, односно за малолетници – старателот
  • ж-ро сметка / банка депонент
  • заверено лекарско конзилијарно мислење за упат во странство
  • историја на болеста
  • податоци за центарот-болницата во која пациентот ќе биде третиран надвор од земјава и финансиска пресметка.
  • потврда за учество на Фондот за здравство (ако има)

Повеќе информации на www.one.com.mk

Т-МОБИЛЕ

Потребна документација за отворање број за донации за физичко лице:

  • Барање за отворање на број за донации за физички лица со генералии за корисникот и образложение за потребата од собирање на средства
  • Медицинска документација:
    Дијагноза / конзилијарно мислење од меродавна институција во Македонија со кое се дефинира понатамошниот третман
    Потврда за закажана операција од странската институција и чинење на операцијата
  • Лични документи:
    Фотокопија од лична карта на барателот (доколку има)
    За деца, фотокопија од извод од матична книга на родени (како доказ за родителство/датум на раѓање)
    Фотокопија од лична карта од законскиот старател на барателот (доколку се работи за малолетно лице)
    Потврда за износ на месечни примања

Наведената документација треба да биде испратена во писмена форма на адреса на Фондацијата: Фондација Т-Mобиле за Македонија, ул. Орце Николов бб, 1000 Скопје.

Вашите лични податоци се доверливи и подлежат на посебен начин на чување, согласно Законот за лични податоци на РМ. Доколку ви се додели број за донации, вашите лични податоци, по добиена согласност од ваша страна, ќе бидат архивирани како доверливи документи. Доколку не ви се додели број за донации, вашите документи во целост ќе ви бидат вратени по пошта.

Согласно техничките можности, броевите за донации се ограничени. Времетраењето на намената на еден број за донации за индивидуално лице е три месеци.

Повеќе информации на http://www.tmobileformacedonia.org/?ItemID=826FE977362D494DBBE123C13221122A